Резултати од мониторингот на јавните набавки и од индексот на рационалност
СКОПЈЕ, 27 април 2012 – Центарот за граѓански комуникации ги објавува резултатите од редовниот мониторинг на јавните набавки во земјава за периодот од октомври до декември 2011 година, како и Индексот на рационалност бр.4.
При мониторингот на јавните набавки во четвртиот квартал од 2011 година, меѓу другите, констатирани се следниве клучни забелешки:
- Во половина од мониторираните тендери планираната електронска аукција не се одржала поради тоа што била доставена само една понуда или само една понуда била оценета како прифатлива. На овој начин се доведува во прашање рационалноста во трошењето на јавните пари бидејќи во случаи кога се планира е-аукција фирмите првично доставуваат повисоки цени во очекување на нивно намалување низ негативното наддавање во аукцијата. Овие проблеми се директна последица на високото поставување на критериумите за квалификација на фирмите за учество во тендерите. Проблемот со малата конкуренција во 2011 година се продлабочува.