Печати
PDF

База на податоци: Сите автомобили на Владата и општините

on .

Денеска, 18 октомври 2018 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави базата на податоци: Сите автомобили на Владата и општините. Оваа база содржи 15.870 поединечни податоци за возилата на сите министерства и општини: марка и модел на возилото, кога е произведено, кога е набавено и набавната вредност. Базата открива дека министерствата и општините поседуваат 2.645 автомобили, од кои 2.008 се со набавна вредност од 33 милиони евра, додека за 637 патнички возила институциите немаат или не доставиле податоци за набавната вредност. Министерствата имаат 2.215 возила вредни 27,2 милиони евра, додека општините имаат 430 возила во вредност од 5,7 милиони евра.

И централната и локалната власт најмногу возат Шкоди, Фолксваген и Форд. Сепак, сите пет најскапи возила се Мерцедеси купени од министерствата за внатрешни работи (572.780 евра), за надворешни работи (81.301 евра) и за финансии (76.768 евра), како и општините Свети Николе (77.839 евра) и Кавадарци (70.075 евра).

Центарот за граѓански комуникации ги обезбеди изворните податоци преку барања за пристап до јавни информации доставени до 97 институции. Беа потребни повеќе од три месеци само да се приберат информациите што говори за ниското ниво на отчетност и воопшто на прецизна евиденција за имотот со којшто се располага. Обработените податоци се направени достапни во отворен формат за натамошна употреба.

Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамките на проектот Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на проектот што го спроведува ЦГК е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

grafikon za koli

 

Печати
PDF

Извештај од мониторингот на јавните набавки на локално ниво

on .

Многу ниска конкуренција на локалните тендери

СКОПЈЕ, 26 јуни 2018 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од редовниот мониторинг на постапките за јавни набавки спроведени од институции на локално ниво во периодот април-септември 2017 год., којшто ги покажа следниве главни констатации:

»        Ниската конкуренција на локалните тендери и натаму продолжува да се движи под три понудувачи, што се смета за минимум конкуренција. На мониторираните тендери имало просечно по 2,8 понудувачи. Она што дополнително загрижува е зголемениот процент на тендери со една или ниту една понуда, којшто скокна дури на 40% во мониторираниот период, највисоко ниво во последните 3 години.

»        Процентот на поништени постапки за јавни набавки во мониторираниот примерок скокна на 20%, достигнувајќи ја повторно највисоката граница во последните пет години. Во дури 50% од поништените постапки, причина за поништување било немањето ниту една понуда.

»        Електронската аукција се одржала само во 58% од мониторираните тендери. Таа е успешна само кај набавките со поголема конкуренција, додека во другите е само формална и често изгледа како фирмите да се договараат како ќе настапат на аукцијата.

»        Како во ниту еден друг период порано, во текот на овој мониториран период податоците побарани преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во дури 28% од тендерите се обезбедени по пат на жалба до Комисијата за заштита на ова право.

Извештајот од мониторингот е достапен тука. За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите .

Печати
PDF

Проактивното објавување јавни информации останува на ниско ниво

on .

Скопје, 21 јуни 2018 година - Центарот за граѓански комуникации денеска го објави Индексот на активна транспарентност за 2018 година, што значи објавување јавни информации на сопствена иницијатива на институциите. Истражувањето и рангирањето ги опфаќаат сите 81 општина и градот Скопје, 15-те министерства и Владата на РМ. Процентот на исполнетост на обврските за објавување на јавни информации на сите 97 вклучени институции изнесува 43,5% (од можни 100%).

Ова значи дека општото ниво на активната транспарентност во Македонија во 2018 година се задржа на ниско ниво. Степенот на активна транспарентност во 2018 година е незначително зголемен во однос на 2017 година (кога просечно изнесуваше 42,5%).

Законската основа за активната транспарентност на институциите се наоѓа пред сè во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од практиката, односно кога една институција ги прави достапни до сите граѓани одговорите на прашањата што почесто ги добива во форма на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.

За разлика од претходните две години, сега, генерално, министерствата и Владата стојат подобро од општините според нивната активна транспарентност. Општините се наоѓаат на првите 2 места од ранг-листата, но просечниот скор на сите општини заедно е намален од 41% на 39%, додека скорот на министерствата е зголемен од 48% на 66%.

Во однос на одделните области на активната транспарентност – институциите и понатаму објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации, а најмалку од областа на буџетската и финансиската транспарентност.

Во однос на регионите, според просечните резултати, и годинава најдобро стои Пелагонискиот Регион, а најслабо – Полошкиот.

Истражувањето е спроведено во рамките на Цивика Мобилитас која ја поддржува годишната програмата на Центарот за граѓански комуникации.


Печати
PDF

30. извештај од мониторингот на јавните набавки (јули-декември 2017)

on .

Фирмите и натаму се незадоволни од јавните набавки

СКОПЈЕ, 13 јуни 2018 година – Центарот за граѓански комуникации денеска го објави извештајот од следењето на јавните набавки спроведени од институциите на централно ниво за периодот јули-декември 2017 година и приказ на клучните состојби за цела 2017 година.

Клучни наоди од анкетирањето на 210 фирми за нивното искуство во јавните набавки, спроведено во периодот февруари-март 2018 година:

  • ’Најниската цена‘ како единствен критериум за доделување договор за јавни набавки, задоцнетото плаќање и потребната обемна документација за учество на тендерите се главните проблеми во јавните набавки што ги посочуваат фирмите.
  • Испитаните фирми чекаат просечно по 6 месеци и 21 ден за да ги добијат парите за завршената работа. Пред 2 години просекот изнесуваше 8 месеци, а лани 6 месеци.
  • 95% од фирмите сметаат дека на е-аукциите се постигнуваат нереално ниски цени и се занемарува квалитетот на набавките во однос на нивната цена.
  • Дури 88% од испитаните фирми сметаат дека има корупција во јавните набавки, но со различна оценка за нивото на нејзината присутност. Најголем дел од фирмите, односно 47%, сметаат дека во јавните набавки има корупција, но ретко; 5% велат секогаш, а 36% често. Само 12% од фирмите се изјасниле дека во јавните набавки никогаш нема корупција.
  • Доминантен дел од фирмите се изјасниле дека во тендерите на кои учествувале, почесто или поретко сведочеле на непочитување на Законот за јавни набавки.
  • Дури 96% од испитаните фирми никогаш или ретко се жалат на тендерите во коишто учествуваат, главно поради високиот надоместок за трошоците во жалбената постапка и недовербата кон ДКЖЈН.
  • Фирмите го оценуваат со 2,85 на скала од 1 (негативно) до 5 (одлично) вкупниот процес на јавните набавки во Република Македонија. Споредено со минатото истражување, забележано е влошување на искажаното задоволство на фирмите што учествуваат на тендерите за 0,28 поени и оценката е повторно под 3.

Наоди од мониторингот на јавните набавки:

  • Рекордно ниско ниво на јавните набавки во 2017 година. Вредноста на договорите за јавни набавки склучени во 2017 година изнесуваат 624 милиони евра, наспроти 962 милиони евра во 2016 година.
  • Советот за јавни набавки престана со работа на крајот на ноември 2017 година. Не постојат податоци за ефектот од нивното работење во последните пет месеци од работењето (јули-ноември 2017 година). Специјално формираната комисија во Министерството за финансии не ги достави побараните податоци.
  • Уделот на поништувањето на постапките од 24% на годишно ниво во 2017 година е највисок во периодот од 2013-2017 година.
  • Уделот на тендери на коишто имало задоволително ниво на конкуренција (3 и повеќе учесници) во 2017 година е евидентиран кај само 48% од мониторираните тендери. Уделот на тендери со само една понуда е на најниско ниво во изминатите 4 години и изнесува 21%.
  • Во 2017 година се склучени 496 договори за јавна набавка без објавување оглас, во вкупна вредност од 29 милиони евра. Дури 12 милиони, односно 42% од вкупната вредност на овие договори, им припаѓаат само на две институции, Министерството за образование и наука и АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ).

Наоди од жалбената постапка пред Државната комисија за жалби по јавните набавки за периодот јануари-декември 2017 година:

  • Во 2017 година фирмите доставиле 507 жалби до Државната комисија за жалби по јавните набавки (ДКЖЈН), што претставува намалување во однос на минатата година за околу 9%.
  • Најголем дел од жалбите се доставуваат против донесените одлуки за избор на најповолна понуда (65%). Следната значајна основа за доставувањето жалби, со удел од 15%, се однесува на донесените одлуки на договорните органи за поништување на тендерите, додека, пак, 8% од жалбите се однесувале на тендерските документации.

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите .