Македонските и бугарските новинари разменија искуства - како до поквалитетно информирање
СКОПЈЕ, 14 март 2013 година – Група македонски новинари, на тридневна студиска посета во Бугарија, се запознаа со практиките и искуствата на нивните бугарски колеги и експерти за поквалитетно информирање на јавноста преку примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Адвокатот во Програмата за пристап до информации во Софија, Александар Кашумов кој им помага на новинарите во остварување на ова нивно право, ги охрабри македонските новинари што повеќе да ги користат сите можности кои им стојат на располагање преку Законот за слободен пристап до информации за да добијат информации од државните институции. Кашумов истакна дека институциите во Бугарија самите објавуваат многу информации до кои новинарите порано доаѓале преку доставување барања за пристап до информации од јавен карактер.
Алексенија Димитрова, уредник во најтиражниот весник „24 часа“, која во последните 15 години преку механизмите за пристап до информации од јавен карактер објави ексклузивни и доверливи информации за внатрешната и надворешната политика на Бугарија, ги охрабри македонските новинари да го користат ова право не само за секојдневно информирање, туку и за подлабочински истражувања.