Печати
PDF

Транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки

on .

Истражување, рангирање и анализа на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на институциите во Македонија при спроведување на јавните набавки за 2018 година. Целото истражување можете да го преземете овде.


Печати
PDF

БАЗА НА ПОДАТОЦИ НА СИТЕ ОПШТИНСКИ ТЕНДЕРИ ЗА 2018 ГОДИНА: ГРАД СКОПЈЕ ТРОШИ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ КОЛКУ 46 ДРУГИ ОПШТИНИ ЗАЕДНО

on .

Денес, 26 септември 2019 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2018 година чија вредност изнесува 97 милиони евра што е 17 милиони евра, односно за 21% повеќе од 2017 година. Базата содржи податоци за сите 3898 договори за јавни набавки што локалните власти ги склучиле со 1331 фирма.

На врвот според договорите за јавни набавки останува Град Скопје со 14 милиони евра, но и со огромен пораст на вредноста на јавните набавки во однос на претходната година од 42%, односно за 4,2 милиони евра. Куманово со 4,9 милиони евра скокна од ланското трето на второто место, додека Аеродром ја загуби позицијата во првата тројка и на негово место годинава се искачи Струмица со набавки во вредност од 4,1 милион евра. Град Скопје, како најголема единица на локалната самоуправа троши за јавни набавки колку 46 други општини заедно, а 11-те единици на локална самоуправа со најголема вредност на набавките заедно трошат половина од парите, односно колку преостанатите 70 општини.

Фабрика Карпош од Скопје му го презеде приматот на Пуцко Петрол според вредноста на добиените тендери од општините во 2018 година. Во топ-трите фирми влезе и Пелагонија од Гостивар, а Бауер БГ го сочува местото во врвот кое го има со години наназад. И во 2018 година има висока концентрација на мал број фирми во набавките на општините. Така, првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат учество од цели 22% во вкупната вредност на тендерите на општините, додека првите 20 фирми, држат дури една третина од вредноста на набавките.

Базата на податоци е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата содржи податоци за последните четири години.

Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации, посетете ја нашата веб-страница: http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.

БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ

Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 640 милиони долари во Република Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е најзначајната меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до резултати во развојот. Работата на УСАИД носи напредок во националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја покажува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации, посетете ги нашите веб и Facebook страници: https://www.usaid.gov/north-macedonia и https://www.facebook.com/USAIDNorthMacedonia/

Печати
PDF

ПОВИК за доделување грантови на граѓански организации

on .

 

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во соработка со Здружението Конект и Здружението на даночни советници во рамките на проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија објавуваат јавен повик за доделување грантови за граѓански организации.

Целта е да се даде придонес кон намалување на корупцијата во бизнис-секторот во земјава, преку заедничко делување на сите релевантни чинители од јавниот сектор, приватниот сектор и од граѓанското општество.

Предвидено е да се доделат шест (6) грантови во износ од 6.000 до 8.000 евра (во денарска противвредност од 368.000 до 490.000 денари) во времетраење  од 12 месеци.

Целосните апликации со придружните документи треба да се испратат единствено во електронска форма на center@ccc.org.mk (со назнака во Subject: Повик за доделување грантови - Интегритет и антикорупција во бизнис-секторот) најдоцна до 15 октомври 2019 година.

Проектната документација и деталните упатства за аплицирање можат да се преземат на следните линкови:

Отворен повик за доделување грантови

Прилог 1: Образец за пријавување

Прилог 2: Образец за буџет

Печати
PDF

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

on .

Партизирани раководни структури во државните претпријатија

Денеска (11.09.2019) Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави истражувањето Право или политика: Изборот на членови на управните и надзорните одбори во државните претпријатија. Истражувањето е проследено со отворена база на податоци за членовите на управните и на надзорните одбори на 30 најголеми претпријатија во земјата. Дел од наодите од истражувањето се:

  • Владата и единиците на локалната самоуправа немаат официјален документ што го регулира процесот на селекција на членовите на раководните органи на претпријатијата што ги основаат. Тие, како основачи, не објавуваат огласи за избор на членови во раководните органи на државните претпријатија, не вршат проверка на квалификуваноста ниту, пак, ги интервјуираат потенцијалните кандидати.
  • Од обемното истражување во кое беа вклучени и основачите и претпријатијата, не можеше да се утврди кој, врз основа на кои критериуми и во каква постапка им предлага на Владата и на општинските совети да ги изберат токму тие лица за членови на управните и на надзорните одбори. Со оглед на целосната нетранспарентност на процесот, оправдан е сомнежот дека списоците за именување на членови на управните и на надзорните одбори на претпријатијата во државна сопственост се составуваат надвор од институциите, односно во партиските кругови.
  • Како членови на управните одбори во најголемите државни претпријатија се јавуваат многу политички кадри, секторски директори во други државни претпријатија, припадници на државната администрација, сметководители во приватни компании, секретари на училишта, педагози, психолози па и раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан итн.
  • Само една третина од членовите на надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење имаат економско образование и поседуваат знаења и искуство од дејноста на финансиското и сметководственото работење.
  • Со биографии на членовите на управните и на надзорните одбори на дел од државните претпријатија не располагаат ниту основачите, ниту самите претпријатија.
  • Висината на надоместокот за членовите на одборите се движи од 800 денари по одржана седница, колку што се плаќа во Комуналец – Прилеп, до 27.000 денари месечно, за претседателот на Надзорниот одбор на Македонската радио-телевизија. Гледано на годишно ниво, најголеми вкупни трошоци за членовите на одборите има Водовод и канализација-Скопје, и тоа 2,2 милиони денари, односно околу 36 илјади евра.

Истражувањето е достапно на opendata.mk. За повеќе информации контактирајте го Центарот за граѓански комуникации. Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија.