По критиките што доаѓаа од сите засегнати страни – стариот и нефункционален Закон за јавните набавки, што се применуваше од 2008 година и којшто многупати беше менуван и дополнуван – конечно беше заменет со целосно нов Закон, којшто беше донесен во јануари 2019 година, а почна да се применува од 1 април 2019 година.
Со новиот Закон за јавните набавки, освен хармонизацијата со Директивата на ЕУ за јавните набавки од 2014 година, се направи обид и за „поправање“ на низата проблеми во системот на јавни набавки на Северна Македонија.
Главно, се сменија двата проблеми кои беа посочувани од сите вклучени страни како најголеми во стариот закон, а тоа се најниската цена како единствен критериум за доделување на тендерите и задолжителната електронска аукција. Покрај најниската цена, се воведоа и други елементи за избор, а е-аукцијата стана опционална, со идеја да се користи онаму каде што има стандарден и воедначен квалитет и е логично изборот да се прави врз основа на цената.
Со новиот Закон се воведе и т.н. управна контрола што ја спроведува Бирото за јавни набавки, и тоа задолжително на тендерите над 500.000 евра за стоки и услуги и на оние над 2.000.000 евра за работи; врз основа на проценка на ризици и по случаен избор на тендери.
Генерално, со новиот Закон се либерализираа јавните набавки и се воведоа нови можности за договорните органи да го набават тоа што навистина им треба, добивајќи притоа најдобра вредност за потрошените пари. И со Законот, но и претходно, се воведоа низа мерки за зголемување на транспарентноста во јавни набавки.
Сепак, следењето на спроведувањето на јавните набавки во првите седум месеци од примената на новиот Закон покажува дека набавките сè уште се спроведуваат според старата и лоша практика, односно како ништо да не се променило.