There are no translations available.
Денес, 8 март 2021 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на пресметан и наплатен данок на имот за сите општини за 2017, 2018 и 2019 година.
Сите општини заедно, просечно годишно наплатуваат по 1,3 милијарди денари, односно 21 милион евра за данок на имот од граѓаните и од фирмите. Просечната годишна наплата на овој данок се движи околу 81 процент.
Значително поголем дел од данокот на имот се прибира од граѓаните, 70 %, додека од правните лица, односно од фирмите се прибираат останатите 30 %. И успешноста во наплатата е поголема кај граѓаните и изнесува 85 %, а кај фирмите се наплатува по 78 % од пресметаниот данок.
Во анализираните три години, односно 2017, 2018 и 2019 година постои зголемување на износот на наплатен данок на имот. Сепак, за разлика од 2018 година кога порастот во однос на претходната година бил 12,5 %, во следната 2019 порастот бил само 2,5 %.
Најголеми приходи од данок на имот има скопската Општина Центар, по околу 2,3 милиони евра годишно, а најмали, односно беа приходи по оваа основа е Општина Арачиново која не ни наплатува ваков данок, бидејќи нема база на податоци на даночни обврзници, ниту има формирано даночно одделение, поради што и не издава даночни решенија.
Само десетте градски скопски општини прибираат половина од цел данок на имот што се прибира на ниво на држава. Најуспешни во наплатата на овој данок се Росоман и Ресен, најмалку успешни, Студеничани и Маврово и Ростуше. По региони, највисок процент на наплата на овој данок има кај општините од Вардарскиот Регион, а најнизок од Полошкиот Регион.