Резултати од мониторингот на јавните набавки во Македонија за април-јуни 2013
СКОПЈЕ, 4 ноември 2013 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од мониторингот на постапките за јавни набавки во Македонија кој го опфаќа периодот од април до јуни 2013 година како и Индексот на рационалност бр.9.
Некои од клучните наоди од мониторингот на постапките за јавни набавки се:
- Наспроти порастот на бројот на тендерите, опаѓа бројот на жалби по тендерите. Додека бројот на тендери пораснал од 4.175 во првото полугодие од 2012 година на дури 9.046 тендери во истиот период од 2013 година, бројот на жалби за истиот тој период се намалил од 338 на 291.
- Дел од институциите не ја почитуваат законската обврска да ги вклучат фирмите во подготовка на техничките спецификации за јавните набавки над 130.000 евра преку водење т.н. технички дијалог.
- Државните институции сè почесто бараат од фирмите да мораат да имаат остварено добивка во последните три години – за да учествуваат на тендерите.
- Малата конкуренција на тендерите го оневозможува одржувањето на е-аукциите и го зголемува бројот на тендери во кои договорот се склучува со единствената фирма понудувач.
- Преку нетранспарентната постапка на преговарање без објавување оглас, во првото полугодие од 2013 год. се склучени договори во вкупна вредност од 22,6 мил. евра.
Индексот на рационалност бр.9 е изработен за тековното одржување на лифтови, обрасци за сметки, филмови за рентген снимки, кравјо сирење и ГПС уреди за возила.
Најголема разлика е евидентирана во набавката на обрасците за сметки, а за првпат е евидентирано отсуство на разлики во цената со тоа што филмовите за рентген снимки од различни здравствени институции се купувани по иста цена. Поконкретно евидентирани се следните разлики:
- обрасците за сметки јавните претпријатија ги чинеле од 0,65 до 3,54 денари за еден образец, со што највисоката цена е за 445% повисока од најниската;
- тековното одржување на лифтови годишно институциите ги чинело од 9.256 до 29.783 денари за еден лифт, со што највисоката цена платена за овој производ е повисока за 222% од најниската евидентирана цена;
- ГПС уредите за сателитско следење на возилата (автомобили, автобуси и локомотиви) се купувани по цени од 6.406 до 19.337 денари, со што највисоката цена е повисока од најниската за 202%;
- филмовите за рентген снимки од страна на здравствените институции се купувани по идентична цена, и тоа пакување од 100 РТГ филма со димензии 18х24 см по цена од 2.336 денари; со димензии 24х30 см по цена од 3.894 денари и со димензи од 35х35 см по цена од 6.832 денари;
- кравјото сирење од страна на затворите, студентските домови и здравствените институции е плаќано од 160 до 234 денари за килограм со што највисоката цена е за 46% повисока од најниската и
Извештајот од мониторингот за периодот април-јуни 2013 година, како и Индексот на рационалност бр.9 се достапни и на www.ccc.org.mk. За повеќе информации ве молиме контактирајте со Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите .