Индекс на активна транспарентност 2024
МИНИСТЕРСТВАТА БЕЗ НАПРЕДОК ВО АКТИВНАТА ТРАНСПАРЕНТНОСТ, ОПШТИНИТЕ СО МИНИМАЛНО ПОДОБРУВАЊЕ
Денес, 14 август 2024 година, Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност 2024, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини. Индексот ги покажува следниве клучни аспекти:
» Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2024 година изнесува 80 % (од максимално можни 100 %) и во однос на лани е подобрена за 4 процентни поени (од 76 % на 80 %).
» Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86 %, а на општините 79 %. Во однос на лани, кај министерствата нема напредок, а општините се подобриле за 5 процентни поени.
» Од владините институции, максималните 100 % активна транспарентност годинава ги задржа само Министерството за одбрана, кое четврта година по ред ги објавува сите предвидени информации од активната транспарентност. Владата падна од ланското прво место и 100 % на 40 место со 87 % активна транспарентност.
» За прв пат годинава, дури пет општини, Берово, Битола, Валандово, Кавадарци и Кичево остварија 100 % активна транспарентност.
» Својата активна транспарентност ја подобриле 71 % од вклучените институции.
» Меѓу регионите, Источниот Регион ја задржа и дури ја подобри лидерската позиција во однос на другите региони (со 88 % активна транспарентност), додека Скопскиот Регион за многу малку ја избегна последната позиција на којашто се наоѓаше со години. Сега, на последно место е Североисточниот Регион (со 72 % активна транспарентност).
» Најмалку информации министерствата објавуваат за своите надлежности (78 % од можни 100 %), а општините за финансиите (67 % од можни 100 %).
Активната транспарентност е претставена и на специјалната веб-страница: https://www.aktivnatransparentnost.mk/ со преглед на остварувањата на секоја институција од 2016 годинава наваму.
Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на This e-mail address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it .