Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата (2023-2026)
Проектот има за цел да ги унапреди транспарентноста, отчетноста и ефикасноста во трошењето на јавните пари преку поттикнување и промовирање на користењето на информациите за вистинските сопственици во борбата против корупцијата. Се очекува проектот да придонесе кон фактичко користење на податоците од Регистарот на вистински сопственици како инструмент во борбата против корупцијата.
Ова ќе се постигне преку детектирање на слабостите, недостатоците и просторот за подобрување на користењето на податоците за вистинските сопственици како еден од клучните инструменти за борба против корупцијата; проверка и откривање на евентуалното постоење на судир на интереси и злоупотреба на моќта кај политички експонираните лица преку вкрстување на податоците од регистрите на вистински сопственици и на избрани и именувани лица, со податоците за договорите за јавни набавки; подобрување на примената на податоците за вистинските сопственици како дел од севкупните антикорупциски напори на земјата преку изработка на препораки и застапување за нивна примена, како и проширување на основното разбирање и влијанието за потребата и можноста за користење на податоците за вистинските сопственици преку вклучување на медиумите, граѓанските организации и јавноста.
Целни групи на акцијата се: (1) институциите за борба против корупцијата и органите на прогонот; (2) другите државни институции; (3) фирмите; (4) граѓанските организации; (5) медиумите и (6) граѓаните.
Вкупниот буџет на проектот е 14.446.059 денари за период од три години. Проектот го спроведуваат во партнерство Центарот за граѓански комуникации, Центарот на активни граѓани Активо Велес и Здружението на даночни советници на Република Македонија, а е поддржан од Цивика мобилитас која е проект на Владата на Швајцарија за поддршка на граѓанското општество во Северна Македонија, која ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска. Целта на програмата е општествените промени во Северна Македонија кои се водени од силен граѓански сектор, од активни граѓани и добра соработка со властите што резултира со проширен граѓански простор, поодржливи граѓански организации и потранспарентно, отчетно и општествено инклузивно владеење на централно и локално ниво.