Истражување за можностите за здравствена заштита во 30-те здравствени центри во земјава
СКОПЈАНИ СО НАЈГОЛЕМИ, А КРУШЕВЧАНИ СО НАЈМАЛИ МОЖНОСТИ ЗА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА ВО ЗЕМЈАВА
Денес, 5 февруари 2024 година, Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за степенот на здравствена заштита на жителите во 30-те здравствени центри во земјава.
Истражувањето покажа дека:
» Највисоки можности за здравствена заштита имаат жителите на главниот град Скопје, додека најмалку можности за соодветна здравствена заштита имаат жителите на Крушево.
» Има огромни разлики во можностите, односно степенот на здравствена заштита што можат да ја добијат жителите на 30-те градови во земјава.
» Подобро стојат големите, а полошо помалите градови. Но, меѓу големите градови најлошо стојат Кичево и Кочани, а меѓу малите градови најдобро стојат Виница и Делчево.
» Покрај Скопје, на врвот на листата се и Битола и Штип, додека на дното, покрај Крушево се и Македонски Брод, Валандово и Крива Паланка.
Истражувањето, кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите на овие региони како што се болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата и стапката на смртност на доенчиња.
До целото истражување може да се пристапи преку следниот линк.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на This e-mail address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it .