Policy brief за унапредување на транспарентното владеење
СКОПЈЕ, 28 февруари 2013 година - Центарот за граѓански комуникации, во партнерство со невладините организации НВО Инфоцентар и ЕХО ги издаде насоките за јавни политики за унапредување на транспарентното и отчетното локално владеење, како завршен документ од тригодишниот Проект на УСАИД за транспарентно владеење што овие три организации го спроведуваа од 2009 до 2013 година.
Документот е плод на повеќе од тригодишното работење со 13 општини од цела Македонија и секојдневното согледување на состојбите, промените, проблемите и потребите на локалните заедници, а во насока на натамошното унапредување на еден од најзначаните процеси во земјава - децентралнизацијата.
Поврзани со овој документ се и резултатите од обемното истражување на актуелните практики во општините во земјава од аспект на четири многу важни области:
- Учество на локалната заедница во процесот на донесување одлуки
- Информираност на граѓаните и отчетност на општината
- Проактивност на општината кон локалната заедница
- Професионалност на општинската администрација.
Инаку, преку споменатиот проект беа воведени и заживеаја механизми за потранспарентно, поодговорно и поотчетно работење на општините, преку охрабрување на граѓаните за поголемо учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво, а преку размена на добрите практики меѓу општините се зголеми довербата и соработката меѓу локалните власти и граѓаните, бизнис заедницата и граѓанските организации.