Мониторинг на јавните набавки (2008-2024)
Проектот го анализира трошењето на јавните пари следејќи го спроведувањето на јавните набавки во Македонија од аспект на транспарентноста, конкурентноста, еднаквиот третман на фирмите, недискриминацијата, економичното, ефикасното, ефективното и рационалното користење на буџетските средства, настојувањето да се добие најдобрата понуда под најповолни услови, како и отчетноста за потрошените средства при јавните набавки.
Проектот опфаќа две компоненти:
- Мониторинг на начинот на спроведување на јавните набавки од страна на институциите на државно и локално ниво, при што директно се следат и анализираат 160 случајно избрани постапки за јавни набавки годишно на централно ниво и 80 на локално ниво, преку директно присуство на отворањето на понудите, длабочински интервјуа со понудувачите, анализа на податоците објавени на Електронскиот систем за јавни набавки, барања на информации од јавен карактер и сл. Резултатите од мониторингот, покрај главните наоди, вклучуваат и конкретни препораки за мерки што треба да се преземат (законски и во праксата) за унапредување на вкупниот систем на јавни набавки во земјата.
- Индекс на рационалност, како нов и за првпат воведен инструмент во земјава за директно мерење на рационалноста во трошењето на јавните пари. Индексот ги споредува цените по кои различни институции купуваат сосема исти производи, услуги или работи, рангирајќи ги според отстапувањата во однос на просечно постигната цена. Индексот служи како показател за државните институции за подомаќинско трошење на јавните пари. Секој индекс опфаќа споредба на цените за минимум пет производи, услуги и работи, како и вклученост на пет до десет институции за секоја од анализираните набавки.
Во периодот од 2008 до 2012 година, мониторингот на јавните набавки и индексот на рационалност беа финансиски поддржани од ФООМ, од 2012 година овој проект е финансиски поддржан од УСАИД Македонија во рамките на Проектот за граѓанско општество, од 2017-2018 година мониторингот се спроведуваше во рамките на програмата Цивика Мобилитас, која финансиски е поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а спроведувана од Нирас, МЦМС и СИПУ, од 2018-2021 мониторингот се спроведуваше во рамките на проектот на УСАИД - Јавно трошење за јавно добро, а од 2021-2022 година, мониторингот се спроведува во рамките на Цивика Мобилитас, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU). Од 2023 година, мониторингот е финансиски поддржан од ФООМ.