90 микропретпријатија се обучуваат за јавните набавки
Претставници на 90-тина фирми од речиси сите општини од источниот и вардарскиот регион учествуваат на повеќедневната годишна конференција на микропретпријатија за јавните набавки која се одржува во Струмица. Целта на конференцијата е да се унапредат знаењата на микропретпријатијата за учество во јавните набавки, како и да се остварат неопходните контакти за идно здружување на микропретпријатијата за заеднички и посилен настап на пазарот на јавните набавки.
Конференцијата е можност за размена на искуства од учеството на микропретпријатијата на тендерите и за идните предизвици кои стојат на патот на микропретпријатијата кон поголемо и посоодветно учество на пазарот на јавни набавки.
Конференцијата е дел од Проектот на УСАИД за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки кој го спроведува Центарот за граѓански комуникации од Скопје, во партнерство со невладините организации Фокус од Велес и ЕХО од Штип. Проектот го олеснува пристапот на микропретпријатијата до пазарот на јавните набавки, придонесувајќи за нивен одржлив развој и подобро искористување на нивните потенцијали за создавање работни места, раст и иновации.
Воедно, на државните институции проектот им овозможува, преку поголема конкуренција во јавните набавки, да постигнат пониски цени и повисок квалитет за купените производи, услуги и работи.