Печати
PDF

Мерки за стеснување на просторот за корупција во бесправното градење и урбанизмот

on .

1. Да се оневозможи градителот на нелегална градба во периодот до легализација или уривање на таа градба да ужива судска заштита што му припаѓа на сопственик, преку измени на Законот за сопственост и други стварни права;

2. Урбанистичките планови да се користат за планирање на просторот, а не за легализација на бесправните градби, односно за потврда на фактичката состојба;

3. Да се оневозможи ретроактивно издавање на одобрение за градење за објекти што се веќе изградени;

4. Да се додели јавно овластување на приватни извршители за спроведување на конечните, извршни решенија за уривање на бесправните градби и воедно да се овозможи судските постапки да имаат третман на итно постапување;

5. Потранспарентно донесување и изменување на законите од оваа област со широка инволвираност на сите релевантни институции во земјава;

6. Да се преиспита најавеното враќање на можноста за изградба и постоење на т.н. времени објекти;

7. Да се дефинираат јасни критериуми за пренамена на објектите за вршење на одредена дејност;

8. Градежните инспектори редовно да ја контролираат состојбата на теренот наместо да реагираат само на пријава, за да може нелегалните градби да се откриваат уште на самиот почеток;

9. Воведување на тесни временски рамки во кои градежните инспектори мораат да реагираат на бесправните градби;

10. Да се зголеми бројот на градежните инспектори и на локално и на централно ниво и да се утврдат законски критериуми за покриеност на територијата на населени места со инспекција;

11. Зголемување на буџетските пари наменети за извршување на решенијата за уривање на бесправните градби и утврдување на законска процедура за побрзо и поефикасно наплатување на трошоците за уривање од бесправните градители;

12. Одвојување на буџетските пари за извршување на решенијата за уривање на бесправните градби на посебни сметки во општините;

13. Обезбедување на политичка поддршка од советите на општините за порешително справување со бесправните градби;

14. Воведување на систем на поригорозни казни и повисоки награди за градежните инспектори;

15. Да се испитува имотната состојба на сите одговорни лица во процесот на одлучување за урбанистичките планови, издавање на решенија за локациски услови, одобрување на урбанистички проекти, издавање на одобренија за градење, урбанистичка и градежна инспекција, спроведување на решенија за уривање, издавање на одобренија за употреба и сл.;

16. Навремено донесување на подзаконските акти од оваа област за да може законите целосно да се спроведуваат, најдобро истовремено со носењето и со измените на законите;

17. Да се предвидат поригорозни, но остварливи критериуми и услови за заштита на животната средина;

18. Да не се издаваат дозволи за градење на земјиште што е во постапка на денационализација;

19. Усогласување на измените на законските прописи од оваа област што се во корелација, преку учество на претставници од научната и стручната јавност;

20. Законите кои предвидуваат обврски и за локалната самоуправа да се донесуваат и менуваат во задолжителни консултации со претставниците на локалната самоуправа;

21. Општините и Владата да применуваат неселективен однос при уривање на бесправните објекти и при санкционирање на прекршителите на законот;

22. Најавената легализација на бесправните градби, со донесување на посебен закон, да се спроведува врз основа на што е можно подетално пропишани критериуми и услови во чие дефинирање ќе се вклучат стручната, научната и пошироката јавност.