Печати
PDF

Втор квартален извештај за јавните набавки во 2010 година

on .

Шести квартален извештај (.pdf)

КЛУЧНИ НАОДИ

Опаѓа интересот на компаниите за учество во јавните набавки. Во дури 40% од мониторираните постапки понуди доставиле само една или две компании. Конкуренцијата, како еден од основните предуслови за ефикасно и рационално трошење на јавните пари, е само навидум обезбедена.

Секој четврти тендер е поништен. Загрижувачки е што во поништените постапки просечно учествувале по двојно повеќе компании отколку во постапките каде што е извршен избор на најповолна понуда.

Се користат спорни елементи при изборот на најповолна понуда. Договорните органи и покрај сите укажувања, ја продолжуваат практиката за избор на најповолна понуда да користат елементи со кои најчесто не се обезбедува рационално и ефикасно трошење на јавните пари, туку поголема можност за избор на фаворизираниот понудувач.

Одредени понудувачи се фаворизираат преку начинот на кој се дефинирани тендерските документации. Дел од техничките спецификации во мониторираниот примерок отворено упатуваат на конкретен производ или понудувач со исклучително детални описи на бараните производи и со наведување конкретни имиња на производители.

Нетранспарентната постапка за склучување на директни договори за јавни набавки без објавување оглас зема замав. Во второто тромесечје од годинава, склучени се 172 вакви договори во вредност од 6,1 милиони евра, што е за 49% повеќе од истиот период минатата година, кога биле склучени 231 договор во вкупна вредност од 4,1 милиони евра.

Само 4,2% од сите постапки се спроведени целосно по електронски пат, а во околу 12% од постапките се користени електронски аукции. Електронскиот систем за јавни набавки, којшто игра исклучително значајна улога во зголемување на транспарентноста на јавните набавки, сè уште не се користи доволно и за спроведување на самите постапки за јавни набавки, а голем број договорни органи се далеку од достигнување на законски предвидената квота од 30% електронски аукции.

Нема детални известувања до компаниите за изборот на најповолната  понуда. Наспроти законската обврска за договорните органи детално да ги информираат компаниите за својот избор, во известувањето за одлуката за избор на најповолна понуда (која компаниите најчесто ја добиваат во законскиот рок од 3 дена) се наведува само името на економскиот оператор чијашто понуда била избрана.

Се намалуваат барањата за плаќање надомест за подигнување на тендерската документација. Констатиран е значителен напредок во однос на минатата година, кога во истиот мониториран период документацијата беше бесплатно поделена само во 12,5% од постапките, наспроти сегашните 55%.

Опаѓаат барањата за банкарска гаранција на понудата. Банкарска гаранција беше побарана во 42,5% од примерокот со што, иако минимално, сепак продолжи трендот на намалување на практиката на договорните органи да бараат од економските оператори банкарска гаранција за доставената понуда.

Пораст на одлуките на Државната комисија за жалби по јавни набавки за целосно поништување на постапките. ДКЖЈН во првите шест месеци од годинава почесто донесувала одлуки за целосно поништување на постапките за јавни набавки отколку минатата година, што говори за зголемување на повредите и на злоупотребата на Законот за јавни набавки од страна на договорните органи.