Печати
PDF

Трет квартален извештај за јавните набавки во 2010 година

on .

Седми квартален извештај (.pdf)

КЛУЧНИ НАОДИ

Економските оператори не можат да го остварат правото на увид во документацијата од постапките за јавни набавки во кои учествувале. Со оневозможувањето на увид во документацијата за спроведените постапки за јавни набавки, само се зголемува впечатокот на компаниите дека постапката не обезбедила фер натпревар и дека нивниот сомнеж за нерегуларности е оправдан.

Трендот на намалувања на конкуренцијата во постапките за јавни набавки продолжува. Во дури 47,5% од мониторираните тендери во периодот јули-септември 2010 година, понуди доставиле само 1 или 2 компании. Ова укажува дека во јавните набавки постојат проблеми кои оневозможуваат ефикасен натпревар помеѓу добавувачите.

Поништени се 22,5% од мониторираните постапки. Од 2008 до 2010 година за 2 ипол пати е зголемен уделот на поништени тендери во вкупно спроведените. Во дел од постапките, одлуките за поништување се донесувани од два до пет месеци по отворањето на понудите, што остава сомнеж за одредени калкулации или можни влијанија врз одлуките.

Дел од договорните органи не го почитуваат новововедениот законски рок за донесување одлука за избор на најповолна понуда. Брзината на спроведување на тендерите и натаму произволно ја диктираат самите договорни органи.

Договорните органи нема да успеат да го исполнат законски предвидениот минимум за годинава – за 30% од набавките да спроведат електронска аукција, како ефикасен механизам за заштеда на јавните пари. Заклучно со септември годинава, договорните органи успеале со електронска аукција да завршат само 11,6 % од објавените огласи за јавни набавки.

Трендот на пораст на договорите склучени без објавување оглас продолжува. Во периодот јули-септември годинава, преку овој нетранспарентен начин на склучување договори се потрошија 574 милиони денари (9,3 милиони евра), што е за 14% повеќе од истиот период минатата година.

Голем дел од договорните органи повеќе ги ценат подолгите рокови за плаќање на набавките, отколку квалитетот на купените производи и услуги. Продолжува зачестеното користење на елементот ,рок на плаќање‘, што ги принудува фирмите да нудат рокови на наплата на фактурите од договорите за јавни набавки и до 300 дена.

Техничките спецификации се користат за фаворизирање на одреден понудувач. Спротивно на членот 36 од Законот за јавни набавки, и во овој период економските оператори упатуваа на технички спецификации кои, според нив, биле приспособувани на одредени понудувачи, со што се нарушува принципот на еднаков третман и недискриминација на понудувачите.