Печати
PDF

Индекс на активна транспарентност 2019

on .

Активната транспарентност на министерствата и на општините и во 2019 година останува на ниско ниво, иако е порасната во однос на лани. Процентот на исполнетост на обврските за проактивно објавување на информациите кај сите 97 вклучени институции изнесува 56% (од можни 100%) и е зголемен за 12,5 процентни поени во однос на лани (кога просечно изнесуваше 43,5%). Трета година по ред, проактивното објавување информации на министерствата е во пораст и тие се значително подобри од општините кои, пак, по двегодишно влошување, првпат бележат подобрување во активната транспарентност. Просечната активна транспарентност на министерствата изнесува 77,6%, додека на општините 51,7%. Битола го задржа севкупното прво место од лани, додека од министерствата, годинава најдобро рангирано е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на второто место. Во однос на регионите, Источниот Регион му го зазеде ланскиот примат на Пелагонискиот Регион, додека Скопскиот Регион падна на последното место. Најмалку информации, и министерствата и општините, објавуваат за финансиите, и тоа министерствата 57%, а општините само 26% од информациите што треба да ги објавуваат. Кога станува збор за одговор на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите во ист ден и со иста содржина, општините одговорија во просек за 21 ден (лани за 20 дена), а министерствата за 34 дена (лани за 41 ден). Но, за разлика од лани кога одговорија сите институции, годинава дури 12% од институциите не одговорија на барањата.