Печати
PDF

Ниска транспарентност на претпријатијата во државна сопственост

on .

Скопје, 30.01.2019-Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, во кое клучни наоди се:

  • Просечното ниво на транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, односно исполнувањето на законските обврски и добрите стандарди, изнесува само 28% од можни 100%.
  • Ниту едно од 30-те најголеми претпријатија во државна сопственост, чии вкупни годишни приходи надминуваат 700 милиони евра, нема високо или солидно ниво на транспарентност (исполнување на обврските над 60%).
  • Исполнети се услови за разрешување на 18 директори на јавни претпријатија, од кои 6 основани од Владата, а 12 од локалните власти, поради необјавување извештаи од работењето.
  • Претпријатијата основани од Владата имаат просечно ниво на транспарентност од 31%, а претпријатијата основани од општините 27%.
  • На врвот на ранг-листата со највисоко ниво на исполнување на обврските, и тоа од само 52%, е ЈП за државни патишта, а на дното со 0% се наоѓа АД  Градски трговски центар.
  • Речиси половина од претпријатијата ги немаат објавено ниту имињата на членовите на управните и на надзорните одбори. Ниту едно претпријатие основано од Владата или од општините не објавува информации за седниците на управните одбори.
  • Обврската за задолжително објавување на плановите за јавни набавки со сите измени и дополнувања не ја почитуваат дури 67% од претпријатијата.

Истражувањето е достапно и на opendata.mk. За повеќе информации, ве молиме контактирајте го Центарот за граѓански комуникации. Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија.