Печати
PDF

Анализа на резултатите од мониторинг на известувањето на медиумите за 2017 година

Ова е втор ваков мониторинг на медиумите, по оној во 2016 година. Мониторингот ги опфаќа истражувачките и аналитичките написи објавени во медиумите и има за цел да обезбеди доволно, квалитетни и релевантни информации кои ќе дадат оцена на застапеноста и квалитетот на истражувачките и аналитичките новинарски текстови, како и на темите и областите на кои се однесуваат тие текстови.

Воедно, резултатите од мониторингот на медиумите треба понатаму да послужат и како основа за преземање низа други акции насочени кон подобрување на медиумското известување, воопшто. На новинарите и на медиумите може да им помогне да ги лоцираат слабите страни во сегашното информирање и да им биде патоказ за унапредување на нивното известување. На невладините организации, пак, анализата може да им укаже на областите во кои е потребен поголем ангажман во насока на поредовно, попрофесионално и пообјективно информирање на јавноста.

Мониторингот на медиумите за процена на квантитетот и квалитетот на истражувачкото и аналитичкото новинарско известување се спроведува во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“, финансиран од Европската Унија. Целта на проектот што се реализира во периодот 2016- 2019 година е да се поттикне растот на прецизното и истражувачкото новинарство во насока на подобро информирање на јавноста и заштита на јавниот интерес. Со други зборови, целта е да се поттикнат редакциите и новинарите да се посветат на подлабока и посуштинска анализа на проблемите со што ќе се издвојат квалитативно од напливот на кратки, брзи, површни и сензационалистички информации, овозможувајќи им на граѓаните контекст и подобар увид во состојбите.