Печати
PDF

Институциите доброволно објавуваат само малку јавни информации

Скопје, 21 септември 2016 година - Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од истражувањето на т.н. активна транспарентност на институциите што значи објавување јавни информации на сопствена иницијатива. Рангирањето ги опфаќа сите 81 општина и градот Скопје, 15-те министерства и Владата на РМ. Процентот на исполнетост на обврските за објавување на јавни информации на сите 97 вклучени институции изнесува 45% (од можни 100%).

Законската основа за активната транспарентност на институциите се наоѓа пред сè во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во  низа други закони како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од практиката, односно кога една институција ги прави достапни до сите граѓани одговорите на прашањата што почесто ги добива во форма на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Според градацијата на активната транспарентност, најмногу институции, 33%, има во групата со ’просечна‘ активна транспарентност, а најмалку, 4%, во најдобрата група, онаа со ’многу добра‘ активна транспарентност. Генерално, општините стојат многу подобро од министерствата и од Владата според нивото на нивната активна транспарентност. Општините се наоѓаат на првите 18 места од ранг-листата, а најдоброто министерство се наоѓа дури на 19-то место. Сите 4 институции во најдобрата група, со ’многу добра‘ активна транспарентност, се општини.

Во однос на одделните области на активната транспарентност – институциите објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации, а најмалку од областа на буџетската и финансиската транспарентност.

Рангирањето на институциите и целото истражување можете да го преземете овде.

Истражувањето е спроведено во рамките на Цивика Мобилитас која ја поддржува годишната програмата на Центарот за граѓански комуникации.