Печати
PDF

Микропретпријатија од 36 општини се обучуваат за јавните набавки

СТРУМИЦА, 27 септември 2014 година – Претставници на стотина фирми од 35 општини од источниот, југоисточниот, североисточниот и од вардарскиот регион учествуваат на повеќедневната годишна конференција на микропретпријатија за јавните набавки која се одржува во Струмица. Целта на конференцијата е да се унапредат знаењата на микропретпријатијата за учество во јавните набавки, како и да се остварат неопходните контакти за нивно идно здружување за заеднички и посилен настап на пазарот на јавните набавки.

Конференцијата е можност за размена на искуства од учеството на фирмите на тендерите и за идните предизвици кои им стојат на патот кон поголемо и посоодветно учество на пазарот на јавни набавки.

Конференцијата е дел од Проектот на УСАИД за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки кој го спроведува Центарот за граѓански комуникации од Скопје, во партнерство со невладините организации Фокус од Велес и ЕХО од Штип. Проектот го олеснува пристапот на микропретпријатијата до пазарот на јавните набавки, придонесувајќи за нивен одржлив развој и подобро искористување на нивните потенцијали за создавање работни места, раст и иновации.

Воедно на државните институции проектот им овозможува да постигнат пониски цени и повисок квалитет за купените производи, услуги и работи, преку поголема конкуренција во јавните набавки.

Проектот се спроведува во периодот од 2012 до 2015 година и во него се вклучени повеќе од 300 микропретпријатија на кои им се овозможуваат бесплатна обука, секојдневна асистенција и стручни консултации во сите фази од учеството во постапките за јавни набавки што ги спроведуваат договорните органи од вклучените региони. Притоа, секое микропретпријатие вклучено во проектот има можност да дојде во еден од двата центра за поддршка (сместени во Штип и во Велес) каде му се нуди конкретна асистенција при учество во постапка за јавна набавка или, пак, на повик од претпријатието мобилните тимови од асистенти одат во просториите на претпријатието и таму му ја даваат потребната помош.