Печати
PDF

МАК осми број

on .

Во овој број

Стотина поранешни градоначалници, општински советници, бизнисмени и адвокати се соочуваат со вкупна казна затвор од 500 години и парична казна од една милијарда евра ако се докаже дека се виновни за обвинувањата за корупција при издавањето дозволи за градба и при продавањето државно земјиште во Марбелја, едно од најелитните и надалеку познатите одморалишта на југот од Шпанија. Три години му беа потребни на шпанското обвинителство да собере доволно материјал за да почне ова „судење на векот“, како што веќе го нарекоа европските медиуми.

Преку Атлантикот, пак, во Мексико, полицијата отпушти од работа дури 10 проценти од полицајците, бидејќи не поминаа на детекторот за лаги и на другите редовни тестови преку кои се проверува нивната вклученост во корупција и поврзаноста со нарко-мафијата. Отпуштањата се дел од залагањата на претседателот Фелипе Калдерон за пресметка со нарко-бандите, во која досега загинаа околу 28 000 луѓе.

Во Босна и Херцеговина – претставникот на ЕУ отворено обвини дека корупцијата е навлезена во сите пори на општеството и ги повика граѓаните да го имаат тоа предвид кога ќе гласаат.

Покрај овие вести, во овој број на билтенот нудиме и новинарска анализа на неуспесите на македонските власти целосно наменски да ги искористат домашните и парите од странските донации за обнова на училиштата низ земјата, констатирани и во последниот ревизорски извештај за ресорното министерство.

Во продолжение, ги претставуваме главните забелешки за процесот на јавни набавки во земјава, констатирани преку мониторингот на постапките за јавни набавки, што веќе две години, редовно го прави Центарот за граѓански комуникации. Освен за да се укаже на слабостите и на можните злоупотреби во јавните набавки, мониторингот е основа и за извлекување препораки за подобрување на состојбата, кои се испраќаат до надлежните институции во земјава.

Корупцијата е еден од главните проблеми и на соседно Косово, каде што аналитичарите сега се фокусирани врз решението на владата да најми една американска фирма како консултант за лобирање, ‘во четири очи‘ и без да спроведе каква било тендерска процедура.

Работни тимови составени лично од градоначалниците во четири општини од источна Македонија забрзано работат врз спроведување на препораките доставени до нив за преземање мерки за подобрување на транспарентноста, отчетноста и одговорноста во нивното работење, како и за поголемо вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки што се од важност за локалните заедници.

На крајот од овој број, се наоѓа и колаж од постери од антикорупциски кампањи, од неколку земји во светот. Иако сите имаат заеднички именител – спречување на корупцијата, сепак избраните илустрации на секој од овие постери говори за специфичностите во корупцијата и во борбата против неа во секоја од овие земји.

Се надеваме дека и ова издание на Месечникот за антикорупција ќе ве поттикне да размислувате за начините и за формите на спречувањето на ова зло и кај нас.

Месечник за антикорупција МАК број 8